Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, заедно со амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Кеико Ханеда, потпишаа Договор за јапонска грант помош за економски и социјален развој.
„Во услови кога светот се соочува со една од најголемите здравствени кризи која има и сериозни социо-економски последици, оваа итна помош од Владата на Јапонија во висина од 100 милиони јапонски јени, или околу 813.000 евра е повеќе од добредојдена“, истакна Димитров.
Јапонската амбасадорка рече дека Јапонија е среќна што може да ги поддржи македонските напори.
„Во оваа прилика би сакала да ви честитам за вашето членство во НАТО и почетокот за пристапни преговори за ЕУ. Вашите напори во реформите ќе се интензивираат и Јапонија би сакала да продолжи да ги поддржува“, рече амбасадорката Ханеда.