Јужноафриканскиот надбискуп Дезмонт Туту, икона на борбата против апартхејдот и добитник на Нобеловата награда за мир почина денеска на 90-годишна возраст, објави претседателот на земјата Сирил Рамафоса. Тој починал мирно во болница во Кејптаун.
Претседателот во име на сите Јужноафриканци изрази „длабока тага“ поради смртта на Дезмонд Туту, исклучителна личност во јужноафриканската историја.
Светот се простува од Нелсон Мандела
„Смртта на надбискупот емеритус Дезмонд Туту е ново поглавје на тага во простувањето на нашата нација од генерација исклучителни Јужноафриканци кои ни оставија една ослободена Јужна Африка“, се наведува во соопштението на претседателот Рамафоса.
Надбискупот не се чувствуваше добро веќе неколку месеци. Тој веќе не истапуваше во јавноста, но секогаш со насмевка ги поздравуваше камерите кои беа присутни секогаш кога некаде се движеше, како кога беше да прими анти-ковид вакцина во една болница или за време на прославата на неговиот 90-ти роденден во Кејптаун во октомври.
Туту, пензиониран надбискуп на Кејптаун, беше една од најпознатите личности од земјата, и дома и во странство. Современик на иконата во борбата против апартхејдот Нелсон Мандела, тој беше една од главните сили во движењето за окончување на политиката на расна сегрегација и дискриминација спроведувана од владата на белото малцинство против црнците во Јужна Африка од 1948 до 1991 година.
Во 1984 година, тој ја доби Нобеловата награда за мир за неговото ненасилно спротивставување на апартхејдот. Една деценија подоцна, тој дочека крај на апартхејдот и претседаваше со Комисијата за вистина и помирување, формирана да ги открие злосторствата извршени за време на апартхејдот.
На Туту му беше дијагностициран рак на простата кон крајот на 90-тите години од минатиот век и во неколку наврати беше хоспитализиран за лекување на инфекции поврзани со третманот против рак.
Неговата смрт доаѓа само неколку недели по починувањето на Фредерик Вилем де Клерк, последниот претседател од времето на апартхејдот и клучен играч во транзицијата на земјата кон демократија, кој почина на 85 години. Де Клерк, заедно со Мандела, ја доби Нобеловата награда за мир во 1993 година.