Еден од обвинетите за организирање на насилните настани во Собранието на 27 април 2017, поранешниот министер за образование Спиро Ристовски, денеска сведочеше пред Судот. Тој рече делот од исказот на Александар Василевски – Нинџа, што се однесува на Ристовски е невистинит.
Ристовски вели дека на денот на настанот не комуницирал со Нинџа, ниту пак го сретнал во просторите на ВМРО-ДПМНЕ, како што тој тврди.
„Во тој период немав никаква партиска функција, не сум имал никаков контакт со структурите на партијата, изјави обвинетиот Спиро Ристовски.
Тој вели дека не присуствувал лично на протестите на „За заедничка Македонија“.
Дента на 27 април, како што наведе, извршувал приватни работи, односно одреден период бил во Министерството за образование, а околу 17 отишол во партијата, во Центарот за комуникации.
Четири години по „27-ми април“- амнестиите ѝ пресудија на правдата
„Го чекав Земри Ќамили за да одиме во посета на поранешниот министер за образование Абдилаќим Адеми. Во тој период почнаа настаните во Собранието. За цел тој период бев во партијата, ситуацијата беше хаотична. Имаше огромен број на луѓе градоначалници, пратеници. После полноќ штабот на Центарот за комуникации беше преполн“, рече Ристовски.
Поранешниот министер вели дека е чудно и несфатливо како го поврзале со случајот и дека освен со обвинетиот Миле Јанакиески, за кој рече дека имал приватна комуникација, со другите обвинети Ристовски, посочи дека имал исклучителен службен контакт.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.