Американскиот мултимилијардер и основач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс најави дека во следните пет години планира да вложи 2 милијарди долари во борбата против климатските промени. Тој, во интервјуто за германски „Ханделсблат“, вели дека тоа ќе бидат вложувања во стартап компании и други проекти, а неговата цел е со вложените средства и напори да се спречи климатска катастрофа која би настанала како последица на глобалното затоплување.
„Не е невозможно, но ќе биде многу тешко“, вели Гејтс и од државите ширум светот бара најмалку за пет пати да ги зголемат државните инвестиции во науката со цел да се произведува чиста енергија и да се воведат климатски иновации.