Лидерите на повеќе од 70 земји, но не и САД, ќе се соберат преку интернет за да ја одбележат петтата годишнина од Парискиот договор за климата и да објават поамбициозни планови за борбата против глобалното затоплување.
Самитот за климатска амбиција, за кој заеднички домаќини се Британија, Франција и Обединетите нации (ОН), ќе се одржи на 12 декември и ќе биде пренесуван преку интернет.
Само шефовите и држави на влади кои ќе достават„нови и поамбициозни обврски за климатските промени“ ќе имаат право да зборуваат на настанот, според организаторите. Бизнис лидерите исто така ќе бидат меѓу говорниците на настанот.
Парискиот договор за климата, потпишан во 2015 година, ги обврза учесниците да преземат чекори да го ограничат зголемувањето на температурата на глобално ниво на помалку од два степени целзиусови, во однос на прединдустриските нивоа.
Сепак, ОН предупреди дека температурите на Земјата се очекува да се искачат за повеќе од три степени во овој век.
САД, чии емисии на стакленички гасови изнесуваат 15 проценти на глобално ниво, станаа првата земја што го напушти договорот кога администрацијата на претседателот Доналд Трамп се повлече во ноември.
Потегот се случи три години откако Трамп ја објави својата намера да го напушти договорот.
Новоизбраниот претседател Џо Бајден изјави дека ќе ги врати САД во договорот уште во февруари и ги објави целите за јаглеродна неутралност во САД до 2050 година.