Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протестот во Куманово ги повика граѓаните будно да следат во наредните денови што ќе се случува и какви преговори ќе донесе Владо Бучковски со источниот сосед. Тој вели дека ја предупредува македонска јавност дека новоименувањето на Бучковски за посредник во спорот со Бугарија, човек кој е осуден па политички ослободен, а ќе го решава историскиот спор со Бугарија и историскиот спор со соседна Бугарија претставува вовед во едно ново апокалиптично сценарио, и вовед во ново предавство кое ќе биде извршено врз македонскиот народ.
Мицкоски посочи дека на маса за преговори се ставени се македонската историја, македонскиот јазик, традиција, обичаи и откажување од македонското национално малцинство во Бугарија.
„Од прилика за сето ова денеска преговара Владо Бучковски по налог на Зоран Заев и тој човек не знам дали ќе успее во овие седум дена, во период кој следи секако ќе се обиде да земе дел од срамот којшто ќе биде нанесен врз македонскиот народ. Го предупредувам македонскиот народ, граѓаните на Македонија на будно следење на тоа што се спрема, што се подготвува на тоа што се подготвува на тоа што се преговара“ изјави Мицкоски.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ќе ја предводи идната влада која, како што рече, ќе биде влада на национално единство, нема да почитува ниту една реченица, ниту еден збор, од евентуално парче хартија кое ќе го потпишат, воецот Заев и Бучковски, а кое ќе биде на штета на македонскиот идентитет, јазик, традиција, обичаи.