Аргентинската фудбалска легенда, 60-годишниот Диего Марадона успешно бил опериран од тромб во мозокот во клиника во Буенос Аирес, соопшти неврологот, доктор Леополдо Луке.
Тој рече дека операцијата била „рутинска“ и оти пациентите подложени на таква постапка обично се отпуштаат од болница за 24 до 48 часа. Луке рече дека проблемот веројатно е предизвикан од повреда, иако Марадона вели дека не се сеќава на некој посебен инцидент. Луке подоцна рече дека хематомот бил отстранет.
„Диего ја поднесе операцијата многу добро“ и поранешната фудбалска ѕвезда закрепнува, рече докторот.
Неговите поддржувачи се собраа пред болницата со пораки за поддршка на Марадона. Неговиот поранешен клуб Наполи на Твитер објави порака за поддршка.
Марадона, кој имаше проблеми со дрога и алкохол, преживеа два инфаркти и се разболе од хепатитис. Во 2005 година му беше направена операција на желудочен бајпас, по што изгуби 50 килограми и го направи склон кон анемија, рече доктор Луке.
Марадона, заедно со Бразилецот Пеле, кој наполни 80 години минатиот месец, се смета за еден од најголемите фудбалери во историјата. Марадона во моментов е тренер на фудбалскиот клуб Гимназија и Есгрима де Ла Плата. Неговата „божја рака“, односно голот даден со рака против Англија во четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година во Мексико, е еден од најконтроверзните моменти во историјата на светските фудбалски првенства. Аргентина победи на тој меч со 2 – 1, а потоа стана и светски шампион, победувајќи ја Белгија во полуфиналето и Западна Германија во финалето.