Винариите да останат на договорените откупни цени од 11 денари за „вранец“ и 9 денари за „смедеревка“, а државата ќе интервенира со ветените четири денари поддршка за овие две сорти и дополнително со два денари за високосортното грозје, изјави премиерот Зоран Заев по денешниот два и полчасовен состанок со лозарите во Кавадарци. Тој најави дека лично ќе разговара со менаџментот на винаријата „Тиквеш“ која, како што рече, треба да го понесе најголемиот товар како најголема меѓу винарските визби.
„Низ разговор и со сите детали да ги изнајдеме решенијата затоа што на крајот сите треба да понесеме на свои плеќи и да ја пребродиме оваа криза. Верувам дека најголемата македонска визба ред е да понесе најголем дел од товарот“, рече Заев.
Деновиве „Тиквеш“ излезе со откупни цени пониски од договореното, а лозарите реагираа дека понудените цени се потценувачки. Од винаријата пак велат дека во време кога македонските винарници имаат залиха од 60 милиони литри вино може да понудат пазарана цена за откуп на грозјето.