Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вели дека процесот на преговори за формирање на новата влада ќе почне по Илинден. Тој вели дека мандатот за состав на влада го има тој, оти СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбеди најмногу пратеници.
Заев во интервјуто за А1он вели дека за коалицирање ќе разговараат со сите партии кои се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот и слободарскиот концепт на земјата, најавувајќи дека процесот на преговори за формирање на нов состав на владата ќе почнат веднаш по илинденските празници.
Осврнувајќи се на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека тие се победници на изборите, Заев оценува дека оваа партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски покажале оти немаат никаква политичка култура, ниту капацитет достоинствено да примат пораз.
Во однос на ставот на ДУИ дека тие треба да го дадат следниот мандатар, Заев нагласува дека во парламентарна демократија е многу јасно кој го добива мандатот за формирање Влада.
„Тоа е првопласираната, а не третопласираната партија и затоа навистина не гледам потреба понатаму да ги коментирам ваквите изјави“, вели Заев.
Формирање мнозинство и шест (не) возможни опции
По интервјуто на Заев реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Во партиското соопштение се наведува дека тие победиле во 41 општина и освоиле повеќе пратеници отколку СДСМ без коалициониот партнер Беса.