Американската сенаторка Елизабет Ворен се откажа од претседателската кампања по лошите резултати за време на „супер вторникот“. Омилената либерална левичарка, сенаторката од Масачусец, беше меѓу омилените демократски кандидати во изборниот процес, оценува Би-Би-Си. Меѓутоа, 70-годишната Ворен лошо помина на изборите на 3 март, вклучително и во нејзината држава Масачусец во која по бројот на гласови го освои третото место.
Трката кај демократите за претседателски кандидат сега се доживува како натпревар меѓу двајца кандидати, меѓу поранешниот потпретседател Џо Бајден кој има 77 години и сенаторот од Вермонт Берни Сандерс, кој е една година постар од Бајден.
Со откажувањето на Ворен се чисти патот, особено за Сандерс, кој сега е единствениот прогресивен кандидат, оценува Би-Би-Си.
Ворен со политика започна да се занимава пред повеќе од 10 години, кога се залагаше за построго регулирање на финансискиот сектор по финансиската криза во 2008.
Внатрепартиските избори кај демократите ќе траат до 6 јуни, по што кон средината на јули на Демократската национална конвенција ќе бидат избрани кандидатите за претседател и потпретседател.