Бугарската полиција во соработка со Агенцијата за безбедност и обвинителството уапсила малолетник кој се подготвувал за терористички напад во Пловдив, објавија бугарските медиуми.
Станува збор за бугарски државјанин, кој, според изворите на бугарските медиуми е помлад од 18 години. Неговата намера била да активира рачна бомба на последниот училиштен ден. Бомбата била најдена во неговата куќа. За момчето и неговото семејство во полициските досиеја досега не биле забележани никакви радикални активности.
Тој е уапсен во заедничка операција на министерството за внатрешни работи на Бугарија, Агенцијата за државна безбедност и обвинителството. При претресот на неговата куќа биле откриени различни делови на несоставената бомба. Момчето во моментов соработува со психолози на бугарската полиција, кои се обидуваат да ги откријат неговите мотиви.
Извори од бугарското министерство за внатрешни работи наведуваат дека младите од непознати причини во последно време се сѐ поподложни на исламистичката радикализација.