Авганистан ќе испрати владина делегација на разговори со талибанците во Катар, во обид да се стави крај на речиси 18-годишната војна. Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ денеска соопштија дека Унијата е подготвена да дејствува како гарант за мировниот процес во Авганистан. Досега американските и талибанските преговарачи одржаа неколку рунди разговори во главниот град на Катар, Доха, но милитантната група одби да зборува директно со владата во Кабул, за која велат дека е марионета на САД .
Омар Дауџаи, мировен пратеник на авганистанскиот претседател Ашраф Гани, вчера изјави дека владина делегација ќе оди во Доха да размени мислење со талибанците. Дауџаи рече дека владата ќе го финализира составот на делегацијата до 10-ти април, а преговорите се закажани за 14 и 15 април. Талибанците, пак, изјавија дека оние кои ќе присуствуваат на разговорите во Доха нема да ја претставуваат владата, туку дека „учествуваат во лично својство“.