Шестмина членови на екипажот загинаа во денешниот бродолом на товарен брод, кој превезувал јаглен, во близина на турскиот брег во Црното Море, соопштија турските власти.
Меѓу загинатите е и капетанот на бродот, додека седуммина членови на екипажот биле спасени, пренесува Асошиејтед прес.
Турските власти почнале операција за потрага и спасување во морето во областа Самсун кога стигнал повикот за помош од бродот кој пловел под панамско знаме. Во потрагата учествувале еден авион, три хеликоптери и два брода.
Гувернерот на Самсун, Осман Кајмак, по посетата на преживеаните во болница, изјави дека, според зборовите на преживеаните, бродот „Волго Балт 214“ се преполовил кога во него удрил силен бран.
Бродот со јаглен, патувал кон Самсун, а тргнал од руското пристаниште Азов, соопшти крајбрежната стража.
Во посадата имало 11 државјани на Украина и двајца на Азербејџан, рече Кајмак.