Владата на Габон денеска соопшти дека обидот за воен удар бил неуспешен и оти пучистите се уапсени. Група војници денеска се обидоа да ја преземат власта, додека болниот претседател на земјата е во странство. Војниците рано утринава упаднале во радио станицата во главниот град Либревил и го повикале народот „да се дигне“. Во исто време биле слушнати истрели, но владата по неколку часа соопшти дека „ситуацијата е ставена под контрола“. Четворица од петтемина војници кои упаднаа во радиото се уапсени, а еден е во бегство, изјави владиниот портпарол.
Безбедносните сили се распоредени во главниот град и ќе останат таму и во наредните денови за да го одржуваат редот.
Претседателот Али Бонго, кој минатата година доживеа мозочен удар додека беше во Саудиска Арабија, живее во приватна резиденција во главниот град на Мароко, Рабат. Тој имаше телевизиско новогодишно обраќање, но не бил во земјата од октомври. Во негово отсуство, овластувањата се пренесени на потпретседателот и на премиерот.
Пораката од пучистите на радио беше прочитана од лице кое се претстави како поручник Ондо Обианг Кели, заменик командант на Републиканската гарда и шеф на досега непознатата организација Патриотско младинско движење на габонските одбранбени и безбедносни сили. Тој најави дека ќе биде формиран „совет за национална обнова“ за да се гарантира демократска транзиција и ги повика граѓаните „да се дигнат“ и да ги окупираат јавните објекти и аеродромите во земјата.
Семејството на претседателот Бонго владее со земјата повеќе од пет децении. Неговиот татко Омар ја презеде власта во 1967 година и стекна имиџ на клептократ – стана еден од најбогатите луѓе во светот, благодарение на богатството на земјата со нафта. Али Бонго беше избран за претседател во 2009 година, по смртта на неговиот татко. Во 2016 година беше реизбран на претседателските избори на кои имаше крвави насилства и обвинувања за изборна измама.
Африканската унија соопшти дека „остро го осудува“ обидот за воен удар и целосно ги отфрли сите можности за неуставна промена на власта.