Лајчак - Нема алтернатива за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ
Претходно, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека ЕУ треба јасно да каже дали ги сака балканските земји.
„Црна Гора никогаш не се сомневала кога станува збор за европскиот пат, без разлика на влијанието на Русија. Ако некој во ЕУ отсвирил крај за политиката на проширување, ние ќе продолжиме по овој пат. Која е алтернативата, дали ова што се нуди од Москва?“, праша Ѓукановиќ.
Лајчак одговори дека не треба да се бара алтернатива.
„Има само една алтернатива - полноправно членство. Процесот е многу побавен отколку што се надевавме, но има голем број објективни околности. ЕУ мора да биде сигурна дека новите членки нема да донесат дополнителни проблеми“, рече Лајчак.
Новата германска влада со поддршка за С. Македонија и Албанија во ЕУ
Коментирајќи ја идејата за Отворен Балкан, Ѓукановиќ рече дека таа не била доследно формулирана, ниту пак била подеднакво понудена на сите актери.
„Големото прашање не е само во формулацијата, туку и кредибилитетот на неговиот автор. Им се придружувам на оние кои мислат дека ова е политички маркетинг, а не сериозна иницијатива“, изјави Ѓукановиќ.
Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ изјави дека се плаши дека Западен Балкан „ќе падне како зрела круша“ во скутот на рускиот претседател Владимир Путин.
Членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ изјави дека не мисли оти САД и ЕУ ќе го препуштат Западен Балкан на странски влијанија.
„САД направија многу, па такви заклучоци би можеле да имаме само врз основа на моменталната ситуација и недоволното ангажирање“, рече Џаферовиќ.
Тој рече дека е убеден оти нема да се создадат нови граници и територии на Западен Балкан.