Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата ги отфрли меѓународните повици за прекин на војната во Газа, опишувајќи ги како неконзистентни со поддршката на целта на војната за елиминација на Хамас.
На состанокот на неговиот воен кабинет, Нетанјаху рече дека им рекол на лидерите на Франција, Германија и други земји: „Не можете да ја поддржувате елиминацијата на Хамас од една страна, а од друга страна да вршите притисок врз нас да ја завршиме војната што би ја спречило елиминацијата на Хамас“.
Израелскиот лидер во саботата рече дека го цени ветото на САД во Советот за безбедност на ОН, блокирајќи го барањето за прекин на огнот во војната против Хамас во Газа.
Тој рече дека Израел ќе ја продолжи војната „за да го елиминира Хамас и да ги постигне другите цели на војната што ги поставивме“.
Израел им нареди на жителите да го напуштат центарот на јужниот град Газа Кан Јунис доцна во саботата и продолжи со нападите низ палестинската територија.
Откако пропадна прекинот на огнот минатата недела, Израел ја прошири својата копнена офанзива во јужниот дел на Појасот Газа.
Во исто време, двете страни известија за зголемување на борбите на северот на Појасот.
Израел рече дека неговата кампања напредува, а советникот за национална безбедност Цачи Ханегби истакнува дека израелските сили досега убиле најмалку 7.000 милитанти на Хамас, без да каже како стигнале до таа проценка.