Лех Валенса(80), поранешен претседател на Полска и добитник на Нобеловата награда за мир, е хоспитализиран како тежок случај на Ковид-19, изјави денеска(5.12) негов соработник, јави „Асошиејтед прес“.
Во објава на Фејсбук, Валенса е прикажан во болнички кревет со маска за кислород и текст „ме погоди ковид“. Неговиот соработник Марек Качмар за полските медиуми изјави дека Валеса е сериозно болен, но има добра нега во болница во Гдањск, балтички пристанишен град каде што живее.
Ова е вторпат Валенса да се зарази со корона - вирусот.
Од 1980 година, Валенса го предводеше полското про-демократско движење „Солидарност“, кое девет години подоцна доведе до мирно соборување на комунизмот во Полска и ги инспирираше другите земји да ја отфрлат доминацијата на Москва.
Тој ја доби Нобеловата награда за мир во 1983 година. Од 1990 до 1995 година, Лех Валенса беше првиот демократски избран претседател на Полска.