Членовите на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) во вторник (5 декември) извршиле рација во пошироката област на привремениот прифатен центар за мигранти Липа во Бихаќ, северозападно од Босна и Херцеговина.
При упадот привремено е ограничена слободата на движење внатре во центарот, а се врши увид на лица, работи и простории со цел пронаоѓање на лица кои нелегално престојуваат таму, како и пронаоѓање нелегално оружје, наркотици и други предмети кои потекнуваат од кривични дела или можат да се користат за загрозување на безбедноста на корисниците и вработените, соопшти СИПА.
Оттаму информираат дека во рамките на оваа оперативна акција наречена „Источен свет“ се работи и на откривање на сторители на кривични дела, организирање групи или здруженија за криумчарење мигранти или луѓе, како и други криминални дејствија.
Во Босна и Херцеговина оваа година е забележан пораст на бројот на мигранти, повеќето од Авганистан, Бангладеш, Пакистан и Мароко.
Во моментов во прифатните кампови има околу 2000 мигранти, покажуваат податоците на Министерството за безбедност на БиХ. Сепак, се проценува дека дополнителен број престојуваат надвор од камповите во напуштени згради.
Мигрантите влегуваат во БиХ на источната граница со Србија или преку границата со Црна Гора.