Десетици илјади пропалестински демонстранти маршираа во центарот на Лондон денеска (25 ноември), повикувајќи на траен прекин на огнот во Појасот Газа.
Ова е последен во серијата слични демонстрации што се одржаа за време на викендите во британскиот главен град од почетокот на војната.
Собирот се одржа на вториот ден од четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас, во првиот прекин на огнот по избувнувањето на војната, но демонстрантите рекоа дека тоа не е доволно.
„Многу е добредојдено што има пауза... Но овој проблем треба да се реши и да се реши за Палестинците конечно да имаат политичко решение што е запишано во безброј резолуции на ОН“, рече Хадсон, антивоен активист.
Полицијата пред почетокот на протестот уапси едно лице осомничено за поттикнување расна омраза.
Повеќе од 120 демонстранти беа уапсени за време на маршот претходно овој месец, кога избувнаа судири меѓу полицијата и екстремно десничарските групи кои се собраа да протестираат против пропалестинските демонстрации.
За утре (26 ноември) е планиран протест против антисемитизмот во Лондон. Лондонската полиција соопшти дека повеќе од 1.500 полицајци ќе бидат на должност во текот на викендот за да ги контролираат двата протести.
Полицајците делеа летоци на маршот за да разјаснат што би се сметало за прекршок, откако полициските сили се соочија со притисок од високи владини функционери да бидат поостри во однос на наводниот антисемитизам на протестите.
„Секој кој е расист или поттикнува омраза против која било група треба да очекува дека ќе биде уапсен. Исто како и секој што го поддржува Хамас или која било друга забранета организација“, рече заменик помошникот на полицискиот комесар.
Милитантното палестинско движење Хамас е означено како терористичка организација во Велика Британија, Европската унија, САД и во уште некои земји.
Извори: Ројтерс, АП