Претседателот на хрватската Влада, Андреј Пленковиќ, изјави дека Хрватска реагирала „по начелото на реципроцитет и примерно“, како и тоа дека во формална смисла недостигало објаснување или какви било детали од Србија за протерувањето на првиот секретар на хрватската амбасада во Србија, Хрвоје Шнајдер.
Пленковиќ на седница на Влада ги коментираше политичките збиднувања, истакнувајќи дека Владата реагирала веднаш и еден дипломат го прогласила за персона нон грата, објави ХРТ.
„Без разлика на предизборната атмосфера во Србија, веруваме дека овие чекори не придонесуваат кон воспоставување на доверба, ниту пак воспоставување соработка меѓу двете држави и поради тоа реагираме на акцијата која дојде од српска страна“, изјави Пленковиќ.
Министерството за надворешни и европски работи во вторникот го прогласи Петар Новаковиќ, советник во српската амбасада во Хрватска,за персона нон грата, во реципрочен одговор на Србија.
Министерството за надворешни работи на Србија пак, во понеделникот соопшти дека протераниот хрватски дипломат „грубо излегол од рамките на дипломатските норми“.