Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја оцени како ризична за државата изјавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека по завршувањето на парламентарните изборите и по евентуалната нивна победа ДУИ ќе оди во опозиција зашто, како што рече, спомнувањето на ДУИ е спомнување на мнозинската волја на Албанците.
Потсетуваме дека во неделното интервју за Радио Слободна Европа пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, изјави дека после изборите “една работа е сигурна, а тоа е дека Влада со ДУИ нема да има.“
Прашан за коментар на изјавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и дали стравуваат дека ќе одат во опозиција, Османи рече дека не е првпат да се бара ДУИ да оди во опозиција.
„Се сеќавам и на изјавите на Зоран Заев на митинзите кога велеше зошто ДУИ да не оди во опозиција и знаеме каков беше исходот понатаму. Овој начин на создавање на меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи во добивање на политички поени е премногу ризичен за една мултиетничка демократија каква што сме ние. На ВМРО можам да им кажам дека додека е ДУИ и додека е Али Ахмети, на Албанците нема да им фали ни влакно од глава. Сите такви закани се безвредни“, рече Османи во одговор на прашање на денешниот брифинг.
На забелешката на новинарите дека се спомнува ДУИ, а не сите Албанци и зошто вели меѓуетнички тензии, Османи рече дека „токму ДУИ е мнозинската волја на Албанците“.
За големоалбанските пораки искажани на вчерашниот фудбалски натпревар меѓу Шкупи и Вардар рече дека не ги чул и додаде дека се спротивни на законот и дека е казнива секоја изјава која предизвикува меѓуетничка омраза и нетолеранција.
Инаку, на фудбалскиот натпревар Шкупи-Вардар беа истакнати пароли во кои се вели дека Албанците требало да го исполнат историскиот аманет, Скопје да биде срцето на Албанија.