Холандија испрати чета од 100 војници во Босна и Херцеговина (БиХ) како дел од мировната мисија на Европската унија (ЕУ), соопшти во вторник (3 октомври) Министерството за одбрана на оваа земја.
„Главните поморски сили ја напуштија воздухопловната база Ајндховен за Босна и Херцеговина. Ова се околу 100 од 150 маринци. Тие ќе бидат дел од мисијата ЕУФОР Алтеа. Уште 50 маринци веќе заминаа во таа земја“, објави холандското Министерство за одбрана на социјалната платформа Х.
Не се прецизирани детали во врска со испраќањето војници во Босна и Херцеговина.
ЕУФОР во средината на септември изјави дека жителите на Босна и Херцеговина може да очекуваат зголемување на опсегот на движење на војниците и опремата на резервните сили кои пристигнуваат во БиХ.
Според договорот од 2003 година, ЕУ и НАТО можат во секое време и за краток временски период да распоредат дополнителен број војници во Босна и Херцеговина во случај на закана за безбедноста на земјата.
Тие воени сили, според резолуциите на Обединетите Нации, имаат извршен мандат кој вклучува употреба на сила, особено за одбрана од напад или закана од напад.
ЕУФОР, дејствувајќи под мандатот на ОН, ги замени силите за стабилизација на НАТО алијансата во Босна и Херцеговина.
Во моментов во БиХ има повеќе од 1 100 војници на ЕУФОР, но со активирање на резервните трупи од странство може да бидат ангажирани вкупно 3 500 војници.