Министерот за правда, Кренар Лога, се сретна со претставници на Синдикатот на УПОЗ, соопштија од министерството. На средбата се разговарало за актуелните протести, проблеми и барања со кои се соочуваат судската и јавнообвинителската служба.
„Министерството за правда ќе достави информација до Владата, во соработка со Министерството за финансии да се разгледа можноста за отпочнување на процес на преговори со Синдикатот на УПОЗ со цел да се најде заедничко решение и да не се закочи процесот со движење на предмети во судовите и јавните обвинителства“, се наведува во соопштението од Министерството.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски, како што се наведува во соопштението, изразил благодарност до министерот Лога за неговите напори и заложби за решавање на проблемите на вработените.
Вработени во судската администрација, поделени во два синдикати, денеска во истовреме протестираа низ центарот на Скопје со исти барања - повисоки плати за 78 отсто и да им се исплатат додатоците на плата од 35 отсто, што не ги земаат со месеци.
Поворката собрана зад големиот бел транспарент „Бараме плата за достоинствен живот“, помина и пред зградата на Собранието, кое се наоѓа на стотина метри од зградата на ССМ, а потоа низ центарот на градот, се до пред Влада.