Противпожарните тимови, некаде помогнати и од месното население, во текот на вчерашниот ден изгаснале 30 пожари, а шест сѐ уште се водат како активни. Во тек се активности за нивното контролирање, локализирање и догаснување, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни се три пожари во општина Битола. Тие се кај селата Црничани и Лознани, каде гори нискостеблеста вегетација и кај село Ивањевци, каде гори ниска вегетација.
И во општина Прилеп има три активни пожари, кај селата Слепче, Долнени и Тројкрсти, каде гори ниска вегетација.
Изгаснатите 30 пожари се регистрирани низ цела држава. Во општина Гази Баба биле изгаснати три пожара, кај село Раштак, каде била опожарена ниска вегетација и шума и во кругот на фабрика „Железара“ (ниска вегетација). Во село Брњарци горела ниска вегетација.
Во општина Кисела Вода бил изгаснат пожарот во месноста „Три круши“. Таму горела ниска вегетација и шума.
Пожарникарите го изгаснале и пожарот кај село Кондово, во општина Сарај, каде горела ниска вегеатција.
Кај село Нерези, општина Карпош горела депонија, а во Радишани, општина Бутел ниска вегетација.
Од пожарите по четири се во околината на Кичево и во околината на Куманово. Три се во околината на Струга, два во општина Крушево, по еден во Прилеп, Струмица, Македонски Брод, Штип, Кочани, Пробиштип и Брвеница (село Милетино).
Центарот за управување со кризи апелира до сите граѓани да внимаваат да не предизвикаат пожари.