Поранешниот косовски премиер и претседател на Алијансата за иднината на Косово (АБК), Рамуш Харадинај, денеска побара оставка од премиерот на Косово, Албин Курти, по „неуспехот“ на средбата во четвртокот во Брисел со посредниците на ЕУ и претседателот на Србија Александар Вучиќ.
„Ситуацијата што настана по вчерашниот неуспех во Брисел, со тенденција за продлабочување на кризата, со сериозни последици за народот на Косово, бара итно разгледување на дејствијата на Курти и неговата влада“, изјави Харадинај.
Според неговите зборови, премиерот Албин Курти, „мора да поднесе оставка и да му го врати мандатот на народот“.
„Курти е должен да го праша народот што мислат тие за неговите постапки. Во демократија, изборите се најдобриот одговор“, рече Харадинај.
Лидерот на опозициската АБК додаде дека доколку Курти не поднесе оставка, тогаш ќе биде разрешен со барање да му се изгласа недоверба.
Во Брисел вчера беше одржан состанок на високо ниво во рамките на дијалогот Косово – Србија, по кој високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека Курти не прифатил да го започне процесот за основање на Заедница на српски општини, инсистирајќи и натаму на „де факто“ признавање на Косово од страна на Србија како прв чекор.
Според зборовите на Борел, српскиот претседател Александар Вучиќ, го прифатил компромисот понуден од Европската Унија, иако на почетокот пристигнал во Брисел со сопствен предлог.
Курти пак во Брисел за новинарите рече дека, „за жал“, претставниците на ЕУ ги прифатиле „условувањата од Србија“ - прво да се формира Заедница на српски општини, а потоа да се почне со примена на останатите договори, нешто што истакна дека тој не може да го прифати.