Годишната вежба на воените сили на Европската Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР Алтеа) започна во понеделник на 11 септември и ќе трае до 29 септември на целата територија на БиХ.
Во вежбата наречена Брз одговор ќе учествуваат војници од 22 земји.
Тие привремено ќе го зголемат постојното присуство на ЕУФОР користејќи резервни сили кои се во подготвеност во нивните матични земји. Целта на оваа вежба, како што е најавено, е да се покаже подготвеноста на ЕУФОР и да се потврди нејзината постојана поддршка за одржување на безбедна средина во Босна и Херцеговина.
Претходната вежба се одржа на крајот на октомври минатата година.
Се планира засилена медиумска кампања за времетраењето на вежбата, вклучувајќи информации за спецификите на вежбата и точните локации.
ЕУФОР наведува дека жителите на Босна и Херцеговина може да очекуваат зголемување на опсегот на движење на војниците и опремата на резервните сили кои пристигнуваат во Босна и Херцеговина.
Алтеа, мировната мисија на ЕУФОР во Босна и Херцеговина, е најдолгата воена операција на ЕУ и единствената мисија со извршен мандат за употреба на сила.
Силите на ЕУФОР се распоредени во БиХ од 2004 година, кога ја заменија мисијата на НАТО, а нивниот мандат се обновува секоја година од Советот за безбедност на ОН.
Годинешниот мандат истекува на почетокот на ноември.