Новиот лидер на Габон, генерал Брис Олигуи Нгуема ќе положи заклетва како „преоден претседател“ в понеделник пред Уставниот суд, соопштија водачите на државниот удар.
Олигуи „ќе премине во преодни институции“, изјави Улрих Манфумби Манфумби, портпарол на Комитетот за транзиција и обнова на институциите (КТРИ) на државната телевизија во четвртокот, еден ден откако бунтовничките офицери го соборија претседателот Али Бонго Ондимба.
Нема детали за тоа колку ќе траат тие „преодни“ институции.
Габон, исто така, ќе ги почитува сите свои обврски дома и во странство, ветија армиските началници.
„Олигуи би сакал да ги увери сите донатори, развојни партнери, како и државните доверители дека ќе бидат преземени сите одредби за да се гарантира почитување на обврските на нашата земја и надворешно и внатрешно“, додаде портпаролот.
Габонската хунта објави дека го назначила генералот Брис Олигуи Нгуема за привремен лидер, а успехот на овој удар ќе претставува крај на 56-годишното владеење на семејството Бонго во таа поранешна француска колонија, земја која сега е една од најголемите африкански производители на нафта.
Воената хунта вчера објави дека ја презела власта и го ставила претседателот Али Бонго во домашен притвор. Пучистите ги поништија изборните резултати со кои Бонго доби трет мандат, а ова е осми пуч во Западна и Централна Африка од 2020 година.
Од Европската унија велат дека предизвиците со кои се соочува Габон мора да се решат во согласност со принципите на владеење на правото, уставниот поредок и демократијата.
„Од тоа зависат мирот и благосостојбата на земјата, како и регионалната стабилност“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност.
Борел нагласи дека ЕУ е крајно загрижена за начинот на кој беа спроведени претседателските избори, кои му претходеа на државниот удар.