Најмалку 20 луѓе загинаа, а 80 се повредени на 26 август во Мадагаскар при стампедо пред влезот на стадионот „Бареа“ во главниот град Антананариво.
На стадионот дојдоа околу 50.000 луѓе за да го гледаат свеченото отворање на „Игрите на островот“ во Индискиот Океан.
Се уште нема информации што го предизвикало стампедото. Спасувачките екипи и полицијата се на местото каде се случи стампедото.
„Игрите на островот“ во Индискиот Океан се мултидисциплинарно натпреварување, кое годинава се организира во Мадагаскар и ќе трае до 3 септември. Претседателот на Мадагаскар, Андри Рајоелина, кој беше на спортскиот настан, повика на едноминутно молчење за жртвите во несреќата.
Игрите се одржуваат секоја четврта година на островите во југозападниот дел на Индискиот Океан околу 40 години. Последен пат домаќин беше Маурициус.