Да нема дискриминација по однос на законските одредби за покачување на платите кога се работи за функционери во споредба со работниците, бара Сојузот на синдикатите на Македонија. Од таму поднесоа предлог до Собранието за намалување на платите на функционерите за 78 отсто.
Со него бараат итни измени на член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата.
„Предлагаме порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор и правилата за работниците да важат подеднакво за функционерите, па доколку Владата смета дека зголемување на платите од 10 проценти од септември 2023 година и утврдување на методологија за пресметка на платите по принципот просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место, но започнувајќи од 1 март 2025 година за работниците, истиот принцип функционерите треба да ги применат и за себе и затоа ССМ го дава овој предлог токму во таа насока на примена на еднакви принципи за платите на сите вработени во јавен сектор и избрани и именувани функционери без оглед дали тоа е на централно или на локално ниво“ велат од ССМ.
Минималната плата беше зголемена во март оваа година за 2.175 денари, од дотогаш 18.000 денари на 20.175 денари. Зголемувањето беше направено според новата методологија за усогласување донесена во 2022 година по преговорите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите.
Минималната плата порасна за 12,55 проценти, додека во меѓуврме платите на функционерите пораснаа за 78 отсто. Илјада и 60 функционери од април добија повисоки плати, а платите на функционерите се зголемија по одлуката на Уставен суд. За повисоки плати на функционерите до крајот на годината ќе се потрошат дополнителни 960 милиони денари од Буџетот на државата.
Од ССМ велат дека во изминатиот период укажувале до сите избрани и именувани функционери дека нелогично е драстично да се зголемат платите на функционерите особено во време кога работниците, граѓаните и пензионерите се соочени со справување со последиците од економската, здравствената и воената криза, зголемените трошоци за живот – инфлацијата и растот на синдикалната минимална кошница.