Соборениот пакистански премиер Имран Кан е осуден на три години затвор за нелегална продажба на државни подароци. Тој е веднаш уапсен во Лахоре.
Правните експерти велат дека пресудата за вина во случајот може да стави крај на неговите шанси за учество на националните избори кои мора да се одржат пред почетокот на ноември, пренесува Ројтерс.
Политичката партија на Кан, Пакистан Техрик-е-Инсаф (ПТИ) соопшти дека веќе поднеле жалба до Врховниот суд на земјата против пресудата на Окружниот суд.
Казната се однесува на истрагата на изборната комисија, која го прогласи Кан за виновен за незаконска продажба на владини подароци за време на неговиот мандат како премиер 2018-2022 година.
Кан негираше дека сторил нешто лошо.
Седумдесетгодишниот поранешен играч на крикет, кој стана политичар е обвинет за злоупотреба на премиерската функција за купување и продавање на државни подароци добиени за време на странски посети во вредност од повеќе од 140 милиони пакистански рупии (635 000 долари).
По пресудата, судијата нареди негово итно апсење, а неговиот адвокат Интазар Хусаин за Ројтерс изјави дека поранешниот премиер бил приведен од неговиот дом во Лахоре.
Премиерот беше уапсен на почетокот на мај годинава, многу драматично и без никакво претходно објаснување. Против него се поднесени најмалку 100 кривични предмети од државни служби, но тој ги негира сите.
Апсењето предизвика протести низ целата земја за време на кои неговите поддржувачи нападнаа воени објекти, запалија автомобили и продавници во различни делови на земјата. Владата одговори со акција, апсејќи речиси 3 000 луѓе.
Премиерот беше разрешен кога му беше изгласана недоверба во април 2022 година. Тој е седмиот премиер кој е уапсен од 1977 година.
Пакистан има историја на воени преземања, политички превирања и социјални немири. Сегашните превирања доаѓаат во време кога земјата се бори со тешка економска ситуација, пораст на милитаризмот и влијанието на минатогодишните катастрофални поплави.