Големиот пожар кај Богданци, кој избувна денеска околу 11 часот во близина на ветерниците, се засили доцна попладнево и покрај интервeнцијата на двата авиони „Ер трактор“, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Како што информираше директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, авионите направиле повеќе од 19 прелети фрлајќи вода врз огнот, а интервенирал и хеликоптер на МВР. Од тимот за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување велат дека е изгорена над 500 хектари нискостеблеста шума, но проценките се дека може да биде многу повеќе.
Според последните информации, пожарот поминал и покрај неколку од ветерниците во Богданци, но не предизвикал штета. Покрај авионите „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, во гаснењето учествуваат и пожарникари од Гевгелија и Валандово, екипи на подружниците на „Национални шуми“ и општинското комунално претпријатие од Богданци.