Пратениците во Собранието со 62 гласа „за“ ја донесе одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на КПУ КПД Идризово.
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова одлука на владејачкото мнозинство е обид за легализација на, како што велат, неспособноста на Владата. Пратеникот од оваа партија Драган Ковачки од говорницата посочи дека претходно Собранието не ја донела одлуката за кризна состојба на дел од општината Гази Баба.
„Владата сама си прогласила таква состојба, а сега бара од нас да ја продолжиме. Во Македонија фалат над 100 затворски чувари, а сега Владата наоѓа решение војската да ги чува затворениците. Каде во друга земја војска чува затвореници. Не може војска да биде полиција. Таа треба да го чува народот, а со тоа што сега е полиција е против народот“, рече Ковачки.
Претседателот на Собранието Талат Џафери му реплицираше на Ковачки дека седницата е свикана процедурално зашто Собранието е обврзано да расправа по однос на предлогот кој произлегува од Законот за кризен менаџмент.
„Мојот став по тој закон сите го знаете – дека е антиуставен и дека не треба да постои. Но, и вие знаете зошто постои законот и ако имате проблем со него треба да покренеме друга иницијатива“, рече Џафери.
Тој појасни дека согласно тоа законско решение одлука за криза прогласува Владата, а пред истекот на рокот на кризната состојба Владата треба да се обрати до Собранието да донесе одлука дали да ја продолжи кризната состојба или да ја прекине.