Порасна недовербата на граѓаните во политичарите покажа последната анкета на Меѓународниот републикански институт. На прашањето кој политичар ви е најомилен, 42 проценти од граѓаните не одбрале никој. Ниту еден од политичарите нема рејтинг поголем од 10 проценти.
Анкетата е спроведена од 8 април до мај 1208 испитаници.
Со најголем рејтинг е лидерот на ДУИ Али Ахмети со 6 проценти, што е за еден процент повеќе од лани. Второто место го делат актуелниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Никола Груевски од 5 проценти.
Актуелниот премиер Димитар Ковачевски е на третата позиција со 4 проценти, па по него се поранешниот премиер Зоран Заев , претседателот на државата Стево Пендаровски и градоначалникот на Тетово Билал Касами со 3 проценти.
Инаку на сите политичари, освен Ахмети, им е намален рејтингот за најмалку еден процент годинава во однос на октомври 2022 година, кога беше спроведена минатата анкета.
На прашањето доколку претстојната недела се одржат парламентарни избори за која политичка партија би гласале, ВМРО-ДПМНЕ има речиси двојна предност пред СДСМ, односно 19 проценти од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, додека пак само 11 проценти од анкетираните граѓани одговориле дека би гласале за СДСМ.
На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79% од возрасните испитаници одговориле со „да“.
Ова претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.
„Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина“ изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.
Анкетата исто така покажа дека поголемиот број на граѓани немаат доверба во владеењето на правото.
„Лидерите во Скопје мора да се осврнат на ова прашање доколку сакаат да влеат доверба во владата и во политичките институции на земјата“, изјави Мекарти.
Анкетата на ИРИ покажа зголемена поддршка за членство во ЕУ, недостиг на доверба во владеењето на правото, разлика за правецот на движење на локално и национално ниво Според најновата анкета на ИРИ, најмалку доверба граѓаните освен во политичките партии и во парламентот имаат и во судството и јавното обвинителство.