Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, упати писмо до македонското Собрание во кое силно ги охрабрува напорите да се донесе легислатива во согласност со стандардите на Советот на Европа за законско признавање на родот на трансродовите лица.
Писмото е упатено до претседателот на Собранието Талат Џафери, до претседателката на Комисијата за политички систем Соња Мираковска, до претседателката на Законодавно-правната комисија Снежана Калевска-Ванчева и до пратеничката-известувач за законските измени Маја Морачанин.
„Комесарката смета дека усвојувањето на претстојните измени на Законот за матична евиденција би претставувало клучен чекор во извршувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот X против Македонија од 2019 година, во која Судот утврди повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права поради отсуство на брзи, транспарентни и достапни процедури во националното законодавството за признавање на родот. Комесарката нагласува дека ‘извршувањето на пресудите на Судот е камен-темелник на заштитата на човековите права во регионот на Советот на Европа“, се вели во соопштението на Советот на Европа.
Според комесарката Мијатовиќ, пристапот до законско признавање на родот е од клучно значење за да се спречи дискриминација и насилство врз транс луѓето. Таа исто така ја подвлекува клучната улога на членовите на парламентот во борбата против предрасудите и нетолеранцијата против ЛГБТИ лицата и ги повика да се спротистават на притисокот од групи кои сакаат да го поткопаат целосното почитување на човековите права.
Пред една недела, пред Соборниот храм во Скопје се одржа протест во организација на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, против законите за родова еднаквост и матична евиденција.
Но, законите против кои протестира Црквата, не се во собраниска процедури и се далеку од донесување. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во интервју за Радио Слободна Европа посочи дека измените на Законот за матична евиденција се повлечени од собраниска процедура лани во март, а Предлог Законот за родова еднаквост, се уште е во фаза на консултации.
Во Предлог законот за родова еднаквост се спомнува терминот „родов идентитет“ кој се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род што секое лице длабоко го чуствува за себе, што може, но, и не мора да соодејствува на полот што му е определен при раѓање.
Во предлог законот за матична евиденција, пак се отвора прашањето дека транс луѓето имаат неусогласен родов идентитет со впишаниот пол во матичната евиденција при раѓањето. Предлогот предвидува секој полнолетен граѓанин да има право на правно признавање на родот и дека тоа може да се направи со поднеување на барање што би се пополнило на нотар.