Со повеќе настани под мотото „Писмото е нашиот универзум“ денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
Чествувањата на сесловенските просветители почнаа вчера со свечена академија во Филхармонија и концерт во црквата Св.Софија во Охрид.
Денеска, пак, во хотел „Инекс Олгица“ ќе се одржи панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет" на која воведен збор ќе има премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе биде положено цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј на плоштадот во Охрид. Меѓу другите и делегација на Собранието.
Централната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, е напладне на Плаошник.
Државно – црковната делегација предводена од претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ќе присуствува на молебен во базиликата „Сан Клементе” во Рим, каде што ќе положи венец на гробот на Св. Кирил. Во попладневните часови Џафери ќе положи цвеќе пред спомен - плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре”.
По повод одбележувањето на 24 Мај, Претседателот на државата Стево Пендаровски упати честитка.
„Благодарение на нивното дело и ние Македонците, како дел од словенското семејство народи имаме можност и благослов на мајчин јазик да ја развиваме својата култура, уметност, образование, наука“, се наведува во честитката од претседателот Пендаровски по повод 24 Мај, Денот на Свети Кирил и Методиј.
Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај - Денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.