Италија, како дел од силите задолжени за јужното крило на НАТО, со своите воздухопловни капацитети ќе патролира над македонското небо, соопшти на 23 мај, Министерството за одбрана на Северна Македонија.
Земјава веќе има договор со Грција за чување на воздушниот простор.
Таквата одлука е согласно НАТО принципите на заменливост, а во насока на зајакнување на мисијата за воздушно патролирање, посочуваат од Министерството.
Двете земји треба да го усогласат техничкиот аранжман, а откако ќе биде и официјално ќе биде потпишано, Италија ќе биде вклучена во оваа НАТО мисија над македонското небо.
Патролирањето ќе се реализира помеѓу македонските, грчките и италијанските воздухопловни сили во координација со НАТО Центарот за воздухопловни операции во Торехон, Шпанија, се наведува во соопштението од Министерството за одбрана.
Како дел од најголемиот воено политички сојуз, патролирањето над македонското небо е дел од одбранбена мисија на НАТО алијансата за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на македонските граѓани.
Од МО потсетуваат дека во текот на 2019 година се донесе првата одлука за Воздухопловно патролирање, по што следуваше потпишување на технички аранжман со Република Грција.
„Ова е мирновремена мисија која вклучува употреба на Систем за набљудување и контрола, како и соодветни средства за противвоздушна одбрана и воздухоплови за пресретнување со цел зачувување на интегритетот на националниот воздушен простор, потенцираат од Министерството за одбрана.
На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата.