Американскиот конгресменот Џорџ Сантос, републиканец од Њујорк, на 10 мај најави дека ќе се бори против тужбата за измама, перење пари и кражба на јавни средства. Тој се изјасни дека не е виновен за лажење и измама на донатори, кражба на пари од кампањата и лажење на Конгресот дека е милионер, а најави и дека нема да поднесе оставка.
„Тоа е лов на вештерки“, рече Сантос, откако се појави на Суд во Њујорк.
Конгресменот е обвинет по 13 точки, и се изјасни за невин по сите точки.
Во обвинението се наведува дека Сантос ги поттикнал поддржувачите да даваат пари на една компанија под лажен изговор дека со тоа ќе се финансира неговата кампања. Наместо тоа, како што се наведува, парите ги користел за лични потреби - меѓу другото купувал скапа облека и го подмирил долгот на кредитните картички.
Сантос, исто така, е обвинет дека лажел за своите финансии на конгресните формулари и дека поднел пријава за помош за невработени додека работел како регионален директор на една инвестициска компанија и бил кандидат за Конгресот.
Сантос, кој има 34 години, беше ослободен со кауција од 500.000 долари по читањето на обвинението, околу пет часа откако им се предаде на властите на Лонг Ајленд.
Досега, девет републиканци во Претставничкиот дом го повикаа Сантос да поднесе оставка, вклучително и шест од неговата родна држава Њујорк.
Доколку биде прогласен за виновен по главните точки од обвинението, Сантос се соочува со максимална казна од 20 години затвор, според Министерството за правда, иако поверојатно е дека ќе добие многу помала казна, пренесува Си-Ен-Ен.