Судирите во Судан продолжија и покрај договорот за тридневен прекин на огнот
Бомбардирање и гранатирање беа пријавени во неколку области во Картум, откако примирјето требаше да започне во 6 часот наутро.
Суданската војска не го коментираше потенцијалниот прекин на огнот што доаѓа откако ОН објавија дека околу 20.000 луѓе го напуштиле Судан поради конфликтот, објави денеска „Гардијан“.
Се интезивираат борбите во Судан
Претходно денеска врховниот судански генерал Абдел Фатах Бурхан изјави дека армијата е посветена на транзицијата кон цивилно владеење, објави Асошиејтед прес (АП).
Бурхан го објави ова во својот прв говор откако избувнаа брутални борби во Судан меѓу неговите сили и моќните паравоени сили во земјата пред речиси една недела.
„Уверени сме дека ќе го надминеме ова искушение со нашата обука, мудрост и сила, зачувувајќи ја безбедноста и единството на државата, што ќе ни овозможи да ни се довери безбедна транзиција кон цивилно владеење“, рече Бурхан во видео пораката објавена во петок наутро по повод муслиманскиот празник Рамазан Бајрам.
Изјавата на врховниот командант на суданската армија доаѓа откако неговите ривали објавија тридневен прекин на огнот за празникот со кој се одбележува крајот на Рамазан, светиот месец за муслиманите.