Лажни се обвинувањата за „бетонизација“ на Лисиче, реагира Општина Аеродром. Од Општината ги демантира обвинувањата на СДСМ дека е донесен нов Детален урбанистички план, според кој ќе се градат десетина висококатница во населба Лисиче во општина Аеродром. Во нивниот демант се наведува дека посочениот ДУП се уште е во фаза на анкета.
„СДСМ најмалку што можат да зборуваат за бетонизација, дивоградби и криминал затоа што тоа е политичката партија која е позната по високите провизии, спорните договори во четири очи, незаконските надзори, багателната продажба на земјиште на брачни партнери, класифицирани и сомнителни милионски договори и уште низа криминални тендери и зделки“, реагираат од Општина Аеродром.
Општина Аеродром е предводена од кадарот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски. ВМРО-ДПМНЕ ја освои локалната власт во повеќето општина на изборите во 2021, додека пак на централно ниво СДСМ се на власт.
СДСМ претходно обвини дека кога ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт, тоа значи игнорирање на потребите на граѓаните и уназадување на општините, бетонизација и сомнителни урбанистички планови.
„Со новиот детален урбанистички план на општина Аеродром, ВМРО-ДПМНЕ и Тимчо Муцунски во Лисиче запишаа и пет катастарски парцели, на кои дозволуваат да никнат десетина висококатници“, соопштија од СДСМ.
Порталот Призма на 13 април го отвори случајот „Лисиче“. Во нивните текст се наведува дека во Лисиче, покрај булеварот Србија, каде што сега има куќи, со новиот ДУП, кој се уште е во подготовка, се планираат девет нови висококатници.