Припадниците на српската заедница од северот на Косово протестираа и побараа повлекување на специјалните единици од тој регион, откако нивен сограѓанин беше ранет.
Протестот се одржа во Звечан, поточно на главниот пат познат кај локалното население како „кај мостот Бистрица“. На тоа место е стационирана специјална единица на косовската полиција, а на 10 април имаше инцидент во кој беше рането лице со иницијали М.Ј.
На протестот, припадниците на српската заедница исто така, започнаа петиција за повлекување на косовските специјални сили.
Насобраните носеа пароли „Европо, пукаат во нас“, „Не ти е местото овде“, „Стефан, Милош, Милан, кој е следен?“...
На протестот присуствуваа претседателот и потпретседателот на Српската листа, Горан Ракиќ и Игор Симиќ.
Српска листа, најголемата партија на косовските Срби која функционира со поддршка на Белград, претходно побара и повлекување на специјалната единица на косовската полиција од север, што е еден од нивните услови за враќање во косовските институции.
Протести се најавени и за следните денови.
Косовската полиција, која првично негираше вмешаност во инцидентот, суспендираше четворица полицајци кои наводно биле вклучени во престрелката.
Во меѓувреме меѓународната заедница побара итна истрага за случајот, а министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља рече дека првите истраги покажале дека возачот не застанал на сигналот на полицаецот и дека пукал.
Поради оваа причина, по интервенција на Полицискиот инспекторат и обвинителот, четворица полициски службеници се приведени и одредена им е мерка притвор во траење од 48 часа.
Косово распореди дополнителни сили на север откако Србите ги напуштија косовските институции. Станува збор главно за полицајци од албанската заедница, кои не се прифатени од локалното население.