Се враќаат учениците во училиште во турските области погодени од земјотресите. Во областите Газиантеп, Адана и Османије се вратиле во школо над 1,3 милиони ученици, јави агенцијата Анадолија. Тие го продолжуваат школувањето во училишните згради кои беа реновирани откако беа оштетени во земјотресот на 6 февруари што ја погоди јужна Турција. Во земјотресите загинаа речиси 48.000 луѓе.
Учениците влегоа во училниците по едноминутно молчење и пеење на турската химна.
Образованието во училиштата повторно започна откако беше одобрено од Министерството за животна средина, урбанизација и климатски промени.
Во меѓувреме, продолжуваат подготовките за продолжување на наставата и во други провинции погодени од земјотресот.
Повеќе од 13 милиони луѓе се засегнати од силните земјотреси кои потресоа 11 турски области. Преживеаните од земјотресот се сместени во голем број училишта и студентски домови.