На 1 март се одбележува Денот на независноста во Босна и Херцеговина (БИХ).
На денешен датум пред 31 година се одржа референдум на кој излезноста беше речиси 64 отсто, а 99 отсто од граѓаните избраа да ја напуштат Југославија.
Референдумот се одржа по препорака на Арбитражната комисија на Меѓународната конференција за Југославија, во завршна фаза од распадот на поранешна СФРЈ.
Резултатите од референдумот беа прифатени во Парламентот на Босна и Херцеговина на 6 март 1992 година.
Земјите-членки на Европската заедница ја признаа Босна и Херцеговина на 6 април 1992 година. Соединетите американски Држави ја признаа Босна и Херцеговина еден ден подоцна, на 7 април.
На 22 мај 1992 година, Босна и Херцеговина беше примена во полноправно членство во Обединетите нации.
Босна и Херцеговина нема закон за празници, поради што секој ентитет слави различни датуми како празници.
Денот на независноста се одбележува во еден дел од Босна и Херцеговина, Федерацијата Босна и Херцеговина, каде што е неработен, додека во другиот дел, Република Српска, е работен ден.
Причината е што во Република Српска (РС) сметаат дека Босна и Херцеговина е создадена со потпишувањето на Дејтонскиот договор на 21 ноември 1995 година. Тој датум во овој ентитет е неработен ден.
На 6 јули 2017 година, Уставниот суд на Босна и Херцеговина ги отфрли како неосновани жалбите на некои претставници на Народното собрание на РС за уставноста на 1 март како Ден на независноста на БиХ и 25 ноември како Ден на државноста на БиХ.
Во декември 2016 година, 30 претставници поднесоа барање за уставна ревизија за одбележување на 1 март како Ден на независноста и 25 ноември како Ден на државноста со образложение дека Србите се дискриминирани со постоечките закони и дека овие празници не се слават во РС.
Барањето беше поднесено откако Уставниот суд на Босна и Херцеговина се изјасни дека е неуставно 9 јануари да се одбележува како Ден на РС.