Здравствени работници претпладнево, за време на паузата, протестираат пред Клиничкиот центар и пред Градската болница „8 Септември“ во Скопје со барање да им се покачат платите и да им се усогласат со промените на минималната плата. Освен во Скопје истовремено протести се одржаа и во други градови низ државата.
„За година дена од првичното покачување на минималната плата и доближувањето на другите пониски профили кон профилот на медицински сестри, се направи збрка во коефициентите. Со најавата за ново зголемување на минималната плата во март, уште повеќе ќе ги доближи другите профили до профилот медицинска сестра“, изјави Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар.
Минималната плата од март лани изнесува 18 илјади денари, околу 300 евра, а сега има најави дека дополнително ќе се зголеми.
Таа информираше дека голем е одливот на медицински сестри и како што рече, пет до шест илјади медицински сестри ја напуштиле земјава последниве три до пет години.
Согласно податоците од Комората на лекари, како што беше нагласено на протестот пред Клиничкиот центар, 2 200 лекари во последните три години ја напуштиле државата.
Русе Пецаноски од овој синдикат истакна дека протестот е израз на незадоволство поради тоа што за три години, платите биле покачени само пет проценти. Негодување, како што рече, имало и поради пензионирања на околу 180 врвни стручни лица кои немале право да продолжат со работа.
Пораки за зголемување на платите беа упатени и на протестот пред ГОБ „8 Септември".