Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе го прими својот бразилски колега Луис Инасио Лула да Силва во Вашингтон, соопшти во вторникот Белата куќа. „За време на нивниот состанок во Белата куќа, двајцата претседатели ќе разговараат за непоколебливата поддршка на Соединетите држави за бразилската демократија и за тоа како двете земји можат да продолжат да работат заедно за промовирање на вклученоста и демократските вредности во регионот и во целиот свет“, изјави секретарот за печат на Белата куќа Карин Жан-Пјер. Левичарскиот претседател Лула положи заклетва на 1 јануари, откако победи на вториот круг од изборите во октомври против контроверзниот екстремно десничарски поранешен претседател Жаир Болсонаро.
На 8 јануари, илјадници приврзаници на Болсонаро кои одбија да го прифатат неговиот изборен пораз, упаднаа во владините згради во Бразилија. Дури и пред гласањето, Болсонаро постојано изразуваше сомнеж за изборниот систем и посочи дека можеби нема да го признае резултатот. Тој никогаш експлицитно не го призна својот изборен пораз. На два дена пред истекот на мандатот, Болсонаро со семејството отпатува во САД, каде што е оттогаш. Избувнувањето на насилството во Бразил е мрачен потсетник на нападот врз американскиот Капитол пред две години. На 6 јануари 2021 година, приврзаниците на тогашниот американски претседател Доналд Трамп насилно упаднаа во седиштето на американскиот Конгрес во Вашингтон, каде што во тоа време требаше да се потврди изборниот пораз на републиканците од Бајден.