По отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, делегации се упатија кон споменикот на Гоце Делчев каде сакаа да положат цвеќе, но беа оневозможени да го сторат тоа, од безбедносни причини.
Полицијата не дозволи пристап бидејќи пред споменикот на градскиот плоштад беа собрани приврзаници на ВМРО-Бугарско национално движење предводени од Ангел Џамбаски кои извикуваа „предавници“.
Се скандираше и „Бугарите и Македонците се еден народ“, „Слобода или смрт за Бугарија“ а се извикуваат и имињата на Гоце Делчев, Тодор Александров, Даме Груев, Ванчо Михајлов и „Хероите не умираат“.
Зголемено полициско обезбедување имаше и за време на отворањето на клубот, а вербален инцидент се случи и меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и бугарски граѓанин кој го нарече Мицкоски предавник.
Вербален инцидент меѓу Мицкоски и граѓанин на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград
Освен Мицкоски на отворањето во име на претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и генералниот секретар Миле Бошњаковски, како и лидерот на Левица, Димитар Апасиев и делегација од Демократскиот сојуз. Премиерот Димитар Ковачевски најави дека нема да присуствува.
Македонскиот клуб е основан со финансиска помош на Македонците Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонско меѓународно здружение за човекови права во Канада, на чие чело е Бил Николов, канадски државјанин со македонско потекло.