Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата изјави дека не бил на отворањето на клубот поради тоа што знаел дека ќе има владина седница посветена на спраување со енергетската криза.
„Мило ми е што македонски граѓани, вклучително и господинот Мицкоски и господин Апасиев можат слободно да одат и да се радуваат на отворање на културен клуб во Бугарија. Сметам дека тоа е една од придобивките на договорот што го направивме со соседна Бугарија и со почетокот на преговорите со ЕУ и е среќен сум што дури и опозиција го признава тоа. Единствено што барам е да покажуваме секогаш добрососедски односи и да не нема тензии и непотребни конфликти кога се прават посети помеѓу двете држави или посети со било која држава“, рече премиерот по владината седница на која се усвоија нови мерки за справување со енергетската криза.
Ковачевски повтори дека Владата ќе поднесе официјално барање за отворање на Културен центар во Бугарија.
Во присуство на засилено полициско обезбедување денеска во Благоевград се отвори македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ кое беше проследено со вербален инцидент, а на македонската делегација не и беше дозволено да положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев на градскиот плоштад.
Отворен македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ - во Благоевград тензии
На отворањето на клубот присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин, генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев и делегација од партијата Демократски сојуз.
Клубот е основан со финансиска помош на Македонците Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонско меѓународно здружение за човекови права во Канада, на чие чело е Бил Николов, канадски државјанин со македонско потекло.