Комисијата за заштита од заразни болести ја следи состојбата со мајмунските сипаници во светот, како и препораките на Светската здравствена организација кои во моментот не предвидуваат ограничување на движење на луѓе и стока во рамки на земјите каде не се регистрирани, изјави портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
Во среда, посочи тој, е закажан состанок на Комисијата, а една од точките на расправа ќе биде состојбата со мајмунските сипаници во светот и можноста за евентуално пренесување кај нас и подготвеноста на системот да се справи со евентуална епидемија или пандемија која би се појавила во светот и кај нас.
„Што ќе се дискутира на состанокот на Комисијата за заразни болести во среда ќе информираме по неговото завршување, за тоа што понатаму планираме да спроведеме како активности во однос на тоа системот да биде што поподготвен за евентуална епидемија која би можела да се случи“, додаде д-р Мехмедовиќ.
Бајден: Сите треба да бидеме загрижени за мајмунските сипаници
Досега повеќе од 100 случаи на вирусната инфекција се потврдени во Белгија, Франција, Германија, Италија, Португалија, Шпанија, Шведска, Холандија и Британија. Случаи се откриени и во САД, Канада и Австралија.
Мајмунските сипаници, кои се почести во западна и централна Африка, предизвикуваат блага вирусна болест која се карактеризира со треска и карактеристичен осип. Тие се помалку заразни од малите сипаници и предизвикуваат помалку случаи на тешка болест.
Вирусот на човек се пренесува со консумирање месо или контакт. Пренесување од човек на човек е ретко, но не и неможно.