Нема информации од денешната средба помеѓу Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука. Претставниците на СОНК и МОН во седиштето на Синдикатот одржаа уште една средба за преговори за повисоки плати и за колективните договори во основните и средните училишта во рамки на новиот десетдневен рок за усогласување на отворените прашања со посредство на помирувач.
Но, по двочасовната средба не беа соопштени детали од средбата, а нова СОНК и МОН ќе имаат в петок. Синдикатот утре ќе има средба со Министерството за труд и социјална политика на која, како што наведуваат од МТСП, ќе биде отворено прашањето за Колективниот договор за предучилишни установи, кој истекува во јуни, како и прашањето за постојното законско решение во делот на исплата на плати.
Нема продолжување на учебната година во средните училишта
Уште 10 дена шанса за договор меѓу СОНК и МОН
Советот на СОНК донесе одлука да го стави штрајкот на просветните работници во мирување откако до него беше доставено известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот.
Штрајкот започна на 11 април. Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5 отсто односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Владата им понуди 12 отсто повисоки плати.