Грчката крајбрежна стража денеска објави дека спасила 106 бегалци и мигранти од брод што тоне во Егејското Море.
Мигранти и бегалци биле откриени доцна навечер во саботата во близина на островот Кос, недалеку од турскиот брег, се вели во соопштението на крајбрежната стража, додавајќи дека никој не се води за исчезнат.
Во групата луѓе, чија националност не е утврдена, имало 14 жени и 20 деца, пренесува агенцијата Франс прес. Мигрантите и бегалците изјавија дека го напуштиле турскиот брег во близина на Бодрум, на неколку километри од Кос, јави грчкото државно радио.
Над 3.000 мигранти го изгубиле животот долж бегалските рути
Ова е првата поголема групација во последните неколку месеци што доаѓа на еден од грчките острови од турска страна, а со тоа и во ЕУ.
Грчката крајбрежна стража строго ја контролира морската граница со Турција од 2019 година, потсетува агенцијата Дојче прес (ДПА). Организациите за човекови права се жалат дека во Турција има илегална репресија врз бегалците и мигрантите. Атина постојано тврди дека нејзините безбедносни сили ги штитат европските граници во согласност со меѓународното право.