Хрватска и се закани на Србија поради „присвојување на хрватското културно наследство“
„Присвојувањето на културното наследство на Хрватска не е во согласност со европските вредности и перспективата за која се определи Србија и сигурно ќе има одредени последици кога ќе се отворат одредени клучни поглавја, како што е образованието“, рече Грлиќ Радман денеска во Пула.
Според министерот, присвојувањето на туѓото културно наследство е скандалозно, но очигледно се вклопува во хегемонистичката политика на ширење на т.н. „српски свет“.
“Ова за нас во 21 век е неразбирливо и неприфатливо и најостро го осудуваме“, изјави Грлиќ Радман.
На 23 декември во Србија беше донесен закон со кој во стариот и редок библиотечен материјал беа вклучени изданија на дубровничката литература кои припаѓаат и на српската и на хрватската култура. На 20 јануари, српското Министерство за култура соопшти дека таквата формулација не значи дека Србија оспорува дека старата дубровничка литература била дел од хрватското културно наследство.
„Српската академија на науките и уметностите, Универзитетот во Белград, Матица Српска и други научни институции утврдија дека старата дубровничка литература е единствен феномен меѓу јужните Словени што има свои карактеристики и претставува општо добро. Врз основа на јазикот на кој е напишано, може да биде и српски и хрватски“, се вели во одговорот на Министерството.